Најпопуларните празнични декорации за оваа зима

Празничната енергија веќе полека започнува да се насетува. Сигурно и веќе сте размислиле да ги разгледате декорациите од минатата година и да направите список со ситниците кои ќе ја надополнат елката и дневната соба оваа година. Кој е вашиот омилен стил на украсување? Традиционален? Минималистички? Модерен? За да ви помогнеме во дилемата, ќе се обидеме да предложиме неколку начини на украсување кои овие празници ќе ви го исполнат домот со уникатна енергија и ќе ве натера да побрзате кога се враќате накај дома зашто таму е најубаво за време на ваквите периоди.

Традиционален стил – црвено и зелено

Со ваквиот избор никогаш нема да погрешите, зашто овој стил на уредување е безвременски. Зависно од тоа како ви е уреден просторот каде ќе стојат декорациите, така може и да го прилагодите стилот на украсување. Традиционалниот стил одговара повеќе во простории кои се уредени во земјени бои и топли нијанси. Но, украсувањето не се однесува само на елката и лампионите, туку и на Божиќните венчиња, Божиќните цвеќиња, чорапчињата за подароци, свеќичките и декоративните сетови за останатиот дел од дневната соба. Каминот во оваа комбинација, макар и амбиентален би бил уникатно финале за доловување на хармонијата која ја носта празниците. Во овој случај би советувале да не се мислите околу тоа дали просторот ќе биде пренатрупан, всушност тоа е поентата на овие празнични денови. Многу светкави сијалички кои ќе ги остават без здив вашите гости за време на празниците и зелено –црвени декоративни елементи кои ја означуваат бојата на елката и бојата на костимот на Дедо Мраз.

Минималистички бел стил со пастелни елементи

Овој предлог се однесува на малку поинаков стил на уредување, односно пастелните нијанси внесуваат доза на нежност во целата светкава атмосфера. Иако традиционалните божиќни бои се црвена, зелена и златна, зошто да не пробате нешто различно и да вклучите некои стилски пастелни нијанси и бисери во вашата божиќна тема за украсување оваа година. Најдобро би било да ја искористите оваа идеја доколку во вашиот дом преовладува белата боја за декоративните елементи во пастелни бои се слеат со просторот и да делува како отсекогаш да биле таму. Навидум може ви се чини незвоможно да ги споите ваквите елементи со празничната атмосфера, а во исто време да ја пренесуваат магијата со која се слави овој период секоја година. Но, нежните топли тонови на пастелите и сјајот на бисерите, кога се комбинираат со палета на сиви нијанси и белата боја, создаваат прекрасен божиќен декор кој всушност е и модерен. Многу популарен тренд на бои во дизајнот на ентериер и домашен декор за оваа година се нежно сивите и бледо розевите елементи кои даваат нежен луксузен финиш на целата празнична приказна.

Футуристички стил со огледални елементи

Иновативен и необичен, но сепак изводлив стил за уредување за празниците. Ако размислувавте да ги избегнете традиционалните стилови на уредување, оваа комбинација може да биде полн погодок. Гламурозна елка од парчиња огледало, во комбинација со огледални ѕвезди – орнаменти и огледални сетови за декорација на собата каде стои елката ќе им дадат поинаков шмек на овие празнични денови. Сребренкасти лампиони и сиво обоени шишарки со светки расфрлани на наткасните во спалната соба би биле уникатен пристап за декорација, зашто претежно дневната соба е централното подрачје за празниците во повеќето домови. Нема ништо погрешно во тоа оваа година елката да ви стои во спалната соба и да се будите опкружени со импресивни елементи кои ќе го поттикнуваат празничниот дух да се провлекува низ целиот ваш ден.