Внимателно одбрани стилови за уредување на ентериерот. Кој е вашиот омилен?

Уредувањето на животниот простор е вештина и уметност со која на посебен начин му даваме карактер и топлина на нашиот дом. Изборот на бои, материјали и парчиња мебел треба да направи хармонија помеѓу функционалноста на домот, во согласност со нашите потреби и визуелниот впечаток, кој ќе биде одраз на личниот, но и животниот стил.

Diners Club ви нуди неколку внимателно одбрани стилови за уредување на ентериерот, кои ќе ви помогнат во изборот на парчиња мебел, со кои ќе го направите вашиот личен простор дом од соништата.

ТРАДИЦИОНАЛЕН СТИЛ

Кога станува збор за дефинирање на различните стилови на внатрешен дизајн, еден од најпознатите е токму традиционалниот. Доколку сакате внимателно уреден простор во традиционален стил, изберете класичен мебел, изработен од масивно дрво во топли и богати тонови, украсен со резбани детали. Ѕидовите и ткаенините нека бидат во неутрална боја и земјени тонови, а оние кои се смели можат да вклучат и цветни дезени инспирирани од украсните шари од 18. и 19. век. За да дадете и модерен шмек, изберете еднобоен ќилим или обратно – нека ќилимот биде традиционален, а парчињата мебел поедноставни.

СКАНДИНАВСКИ СТИЛ

Функционалност, елеганција и едноставност. Лесно препознатлив, скандинавскиот стил комбинира минималистичка палета на бои и впечатлив мебел кои прават просторот да изгледа елегантно и модерно, но истовремено топло и пријатно. Природна светлина, отворен простор кој „дише“ и бели ѕидови се основните одлики на овој стил, кој пак е совршен избор за оние кои сакаат класика и едноставност зачинета со смели декоративни елементи. Изберете неколку квалитетни парчиња мебел кои ќе бидат централни, а потоа дајте му карактер на просторот со додавање украсна ламба, свеќи, растенија и други ефектни украси. Концептот на хиге (hygge) е неизоставен дел од скандинавскиот стил, па погрижете се преку малите детали во вашиот дом да создадете амбиент кој ќе зрачи со топлина и удобност.

МИНИМАЛИСТИЧКИ СТИЛ

Помалку е повеќе. Вака накусо може да се опише минималистичкиот стил на уредување, кој се одликува со чисти линии и монохроматски изглед, со цел да се потенцираат атрактивните архитектонски карактеристики на просторот. Обрнете внимание на обликот, бојата и текстурата на само неколку основни елементи во домот и комбинирајте светлина, форма и убави материјали за софистициран изглед. Иако едноставен, минималистичкиот стил и функционалноста одат рака под рака, па овде важи правилото „квалитет пред квантитет“. Неколку парчиња мебел кој ќе биде удобен, квалитетно изработен и со уникатен дизајн е сè што ви е потребно. Дајте личен печат, но внимателно со украсите. Ѕидна декорација во дневната соба или интересна вазна на трпезариската маса се доволни да дадат акцент, а сепак хармонично да се вклопат во просторот. 

РУСТИКАЛЕН СТИЛ

Внесете ја убавината на природата во вашиот дом. Природните материјали се основа на рустикалниот стил, па доколку се одлучите за овој начин на уредување, изберете дрвени парчиња мебел, рамки за врати од полно дрво или дајте му посебен шарм на просторот со ставање на дрвени тавански греди. Сепак, просторот кадешто преовладува дрвениот материјал може да изгледа пригушено и темно, па внимавајте на осветлувањето. Вклучете и светли земјени тонови, нијанси на зелено или бели и неутрални нијанси извлечени директно од природата, кои ќе го избалансираат и ќе му дадат модерен акцент на просторот. Природниот, органски текстил како платно, волна и лен исто така често се користат за да се освежи рустикалниот стил.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *