5 супер туристички дестинации кои задолжително треба да ги посетите во Македонија

Секое време е совршено време за патување. Ако обврските ви го дозволуваат тоа, искористете го секој слободен момент да патувате. Блиски или далечни дестинации, апсолутно е неважно. Патувањето само по себе, каде и да е, ќе поттикне во вас возбуда и исчекување на уште едно ново и незаборавно искуство.

Ние сепак би почнале со запознај ја својата земја! Македонија е атрактивна дестинација за голем број странски туристи кои вистински ги вреднуваат убавините на нашата земја. Зошто и ние да не пропатуваме низ неа? Diners Club ви предлага 5 супер туристички дестинации кои задолжително треба да ги посетите и секако, веднаш да им ги препорачате на вашите пријатели во странство

Охрид

Градот на 365-те цркви, за секој ден во годината по една црква. „Балканскиот Ерусалим“ како што инаку го нарекуваат градот под Галичица во чија срцевина синее Охридското езеро, едно од најстарите езера во Европа. Нетипичната и единствена охридска архитектура, охридската чаршија во која и денес живеат  старите занаети, се само еден мал дел од она што остава без здив на првата, но и на секоја следна посета на градот. Идиличен и спокоен, но сепак жив и модерен, Охрид е совршена дестинација за сите оние кои во него ќе го препознаат единствениот спој на традиција и културно наследство, и современ туристички центар кој овој град ги има.  Што не смеете да пропуштите: да пробате охридска пастрмка, да купите охридски бисер, да се возите со кајче по езерото, да пиете кафе во некој од крајбрежните локали, да ги посетите Св. Наум, Св. Јован Канео, Плаошник, селото Трпејца – македонскиот Сен Тропе и….. Ако нешто испуштаме, истражете повеќе и уживајте!

Галичник

Петре М. Андреевски рекол „Ако Македонија е библиска земја, Галичник е нејзината последна реликвија​“. Сместено на падините на планината Бистра, селото Галичник се наоѓа на надморска височина од околу 1500 метри, од сите страни опкружено со пасишта. Галичник е пејсажен како слика, вистинска туристичка атракција заради автентичната архитектура на камените куќи, своето богато културно наследство и традиционалната Галичка свадба. Совршен за одмор, но и  за едноденвна посета. Заради својата местоположба и чистиот воздух, Галичник е место за вистинско планинско уживање, мир и релаксација. Што не смеете да пропуштите: да ја поминете турата со коњ низ Галичник, да пробате традиционално галичко сирење и ако сте во можност да присуствувате на Галичка свадба. 

Лазарополе

„Лазарополе таму најгоре…“, се вели во песната која го опева селото Лазарополе, сместено на планината Бистра, на надморска висина од 1350 метри. Познато е како престолнина на Мијачијата за која со гордост говорат мијачките потомци. Карактеристично по својата живописност, бујната вегетација и цутот на дивите нарциси во пролет, Лазарополе е една од најубавите селски населби во земјата.  Со свежи лета и благи зими, Лазарополе е идеално место за оние кои сакаат да избегаат од жешкиот градски асфалт во лето и нечистиот градски воздух во зима. Лазарополе се смета за место со најчист воздух на Балканот и веројатно едно од ретките места со кристално чист воздух во текот на целата година – измерено и проверено . Што не смеете да пропуштите: да го посетите местото Соколица, старите селски цркви, да пробате лазаропоско сирење и некој од специјалитетите од дивеч. 

Преспа

Преспанскиот регион се смета за значаен резервоар на биодиверзитетот и природната продукција. Карактеристичен по бујната вегетација и свежите ноќи во лето, овој регион има клима идеална за одмор. За љубителите на езерскиот, но и селскиот туризам, преспанскиот регион е совршена дестинација. Што не смеете да пропуштите: да го посетите етнолошкиот музеј во Подмочани во сопственост на Јоне Ефтимовски со над 3000 вредни експонати, орнитолошкиот резерват за птици – Езерани, плажите Сливница, Стење, Дупени на преспанското крајбрежје и секако селата Љубојно, Брајчино и Долно Дупени. Во атарот на овие села можат да се најдат одлични места за сместување и ресторани во кои може да се вкуси традиционална храна. 

Маврово

Дали сте знаеле дека овој наш национален парк го добил името по некоја голема битка во минатото? Маврово всушност значи Црно Поле, а мавровското црно поле било потопено во 1953 година за да се создаде мавровското езеро. Националниот парк „Маврово“ е дел од брендот паркови „Динариди“ – проект на организацијата Светски фонд за природата (WWF), која работи на признавањето на подрачјето Динарскиот лак, што се протега на север од Трст во Италија до Македонија на југ, а кој е исто толку значаен како и Алпите или Карпатите. Сместено на падините на планината Бистра, Маврово е супер дестинација за зима и љубителите на зимските спортови, но неизбежно треба да се посети и во лето кога природата ги распостила сите свои бои и убавини низ овој исклучително посебен планински предел. Маврово е познато по својата самобитна флора и фауна – сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумскиот ут, а во националниот парк заштитени живеат и мечката, рисот, дивата коза и дивата мачка. Што не смеете да пропуштите: во зима скијање или санкање, чај или греана ракија на Бачило, во лето тура со велосипед околу мавровско езеро, мавровските рибни специјалитети и на далеку познатото мавровско сирење. Задолжително посетете го манастирот Св. „Јован Бигорски“ и сафари-паркот „Бунец“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *