Diners Club Macedonia ја даде својата поддршка за основање на новата фондацијата на брендот „Божиновски“, наменета за стипендирање на млади домашни уметници. Преку учество на аукциската продажба на првиот часовник од колекцијата „Своч на кирилица“, Diners даде директен придонес со купување вкупно пет часовници од ограничената серија на часовникот „Дениција“ којшто беше изработен во само триесет примероци.
Часовникот, инаку потпишан од македонскиот дизајнер и сликар Зоран Кардула, е првиот Swatch од планираната едиција „Своч на кирилица“, платформа која симболично ја одбележува триесетгодишнината од независноста на Македонија. На аукцијата, покрај учесниците од земјава, телефонски се наддаваа и учесници од повеќе дестинации ширум светот, со што овозможија македонската „Дениција“ да отпатува и во Дубаи, Финска, Канада, Грција и Австрија.
„Навистина сме среќни што сме дел од основањето на фондацијата „Божиновски“ која има за цел да ги поддржи младите македонски уметници да го реализираат својот потенцијал, бидејќи тие претставуваат вистинско богатство на нашата земја. Како компанија цврсто веруваме дека инвестирањето во талентот и креативноста се од голема важност, особено во време кога младите уметници творат и делуваат со ограничени можности. Преку купувањето на часовниците „Дениција“ потпишани од нашиот дизајнер Зоран Кардула, сакавме да дадеме симболичен придонес за одличната иницијатива на „Божиновски“ и да бидеме дел од нешто коешто во иднина ќе нѐ направи горди“, велат од Diners Club Македонија.