6 домашни зимски дестинации кои вреди да ги посетите

Носталгијата која ја будат патувањата низ татковината не може да се замени со чувствата кои ни надоаѓаат кога патуваме во туѓа земја. Многумина од нас не ни свесни дека во нашата малечка држава се кријат волшебни места кои наликуваат на светски познатите зимски дестинации. 

Доколку сè уште сте во дилема каде да одморите оваа зимска сезона, ние имаме неколку предлози кои вреди да ги посетите за да ги искусите убавините на нашата чудесна земја. 

Берово

Ова мало планинско гратче кое се протега под падините на Малешевските планини го викаат мала Швајцарија на Балканот. Таму е лесно да вдишете длабоко додека уживате во глетката која вреди да се доживее. Некаде низ крошните на дрвјата ќе го видите и Беровското езеро кое совршено се вклопува во кристалната белина кога снегот ќе пристигне на тој предел. Берово е место каде низ годините посветено се негува традицијата, фолклорот, музиката и храната. Не заборавајте да го пробате Малешевското сирење и специјалитетот од Малешевски компир. Доколку имавте желба да зимскиот одмор да го поминете далеку од цивилизација и од звуците на градот Берово е вистински благодет. Мештаните со задоволство ќе ви зборуваат за ова прекрасно планинско место, што ќе ве натера да останете што е можно подолго. 

Пониква

Недалеку од Кочани, на Осоговските планини можете да го посетите туристичкиот центар Пониква. Чистите природни убавини и поволната клима се само дел од причините за да го посетите ова место. Воздухот е беспрекорно чист, затоа можете навистина да уживате во секој здив и момент поминат на Пониква. Дебелите слоеви снег таму се задржуваат и по речиси 6 месеци од годината. Ако се одлучите да го посетите овој зимски рај, веруваме дека снегот би бил главната причина. Оние чија пасија е скијањето на ова место ќе уживаат без приговор. Уредените скијачки и пешачки патеки прават Пониква да биде едно од најпосетените места во зимската сезона. Прекрасно поминатите денови од одморот тука можете да ги заокружите со превкусните десерти од тиква препознатливи за ова место. 

Маврово

Зимската атракција која привлекува најмногу туристи за време на студените денови се протега на падините на планината Бистра. Со огромниот капацитет на жичарите и ски лифтовите, Маврово е најпосетениот ски-центар во земјава. Различни типови на скијање, сноубординг, кафе-барови по должината на патеките и просечна снежна покривка од 70 сантиметри се само дел од неодоливите причини да го посетите овој ски-центар сезонава. А можеби и ќе начекате некој од турнирите во слалом и велеслалом. Додека пак во ноќните часови можете да уживате во неколкуте клубови и ресторани во близина на центарот и околу Мавровското езеро. 

Вевчани

Во близина на Струга постои едно место преполно разиграна енергија дури и во зима. Сите снежни денови се во духот на подготовката за Вевчанскиот карневал. Ако сакате да уживате во беспрекорна природа и да бидете опкружени со „луди срца“ вашето место оваа сезона е во Вевчани. На пат кон Вевчанските извори воопшто нема да ви биде досадно, зашто кого и да прашате од мештаните каде да се одморите тие сите ќе ве повикаат на гости без проблем.  А природата и архитектурата околу вас како да се споила уште од дамнешни времиња, безброј мостови и црквичиња по патот восхитуваат со својата единственост и убавина. Звукот на гласно разжуборена вода ја најавува близината на изворите од кои тече бистра и студена вода. Тука освен телото,ќе можете да си ја одморите душата. Воздухот ќе ви ги наполни белите дробови со чист кислород, а спокојот ќе ви ја зацели душата. 

Извор: Wikipedia

Кожуф  

Покрај чистиот планински воздух поради шумите измешани од букови и елови дрвја, кога сте во Кожуф ќе можете ќе ве воодушеви и недопрената природа без ралика дали ќе отидете за скијање, планинарење, јавање коњи или за набљудување птици. Кислородот кој го произведува оваа мешана шума има антибиотски својства и содржи етерични масла. За планинската вода која истекува од 33 извори под врвот Момина Чука се зборува дека е чудотворна. Покрај овие извори, на Кожуф има и два извори со минерална вода. Најпосетуваниот туристички локалитет во таму е Смрдлива Вода, каде живописната природа нема да ви даде да здивнете. Еден од најелитните ски-центри во Југоисточна Европа се наоѓа токму на оваа планина. 

Попова Шапка

Овој голем спортско-рекреативен центар кој се наоѓа на Шар Планина е најпосетен во зима, иако е прекрасен за посета низ текот на целата година. Една од легендите за настанокот на невообичаеното име на ова место вели дека некогаш одамна некој поп си ја изгубил шапката, па додека сите селани ја барале заедно, еден од нив покажувајќи на врвот извикал дека шапката е на врвот кој навистина личел на шапка. Попова Шапка располага со прекрасни скијачки терени со површина од 35 км2 и е посебно привлечна за скијачи професионалци и рекреативци поради големите можности за фрирајд-скијањето и сноубордингот низ недопрените диви предели и пејзажи што се протегаат на двете страни од планината.