Дебитна, кредитна или charge картичка? Разликата што треба да ја знаеш пред да платиш

дебитна картичка

Сите изгледаат исто, сите се допираат на ист POS-терминал. Но зад секоја картичка стои различен начин на кој работат твоите пари. Еве што треба да знаеш.

Повеќето од нас имаат барем една картичка во паричникот. Многумина имаат две или три. Сепак, ако некој нѐ праша која е разликата помеѓу нив, одговорот најчесто е „па… едната е од платата“.

Разликата е важна. Типот на картичка одредува чии пари трошиш, кога ги враќаш и колку внимание бара. Да ги разбереме сите три.

Дебитна картичка: твоите пари, сега

Дебитната картичка е директно поврзана со твојата сметка. Кога плаќаш, парите веднаш се одземаат од она што веќе го имаш. Нема позајмување и нема враќање.

Таа е одлична за секојдневни трошоци, бидејќи природно те ограничува: не можеш да потрошиш повеќе отколку што имаш. Недостаток е тоа што секое поголемо купување мора целосно да го покриеш со парите што ги имаш во моментот.

Кредитна картичка: позајмени пари, со рок за враќање

Кредитната картичка ти дава пристап до одреден износ што финансиската институција ти го позајмува: тоа е кредитниот лимит. Ти трошиш, а потоа враќаш, во целост, во одреден процент (кај револвинг картичките) или на рати, зависно од условите на картичката.

Нејзината голема предност е флексибилноста. Можеш да распоредиш поголем трошок, да реагираш при неочекувана ситуација и да имаш дополнителна заштита при онлајн купување. Затоа и бара најмногу дисциплина. Кога позајмените пари изгледаат исто како твоите, лесно се губи преглед.

Charge картичка: потроши сега, плати сè одеднаш

Charge картичката е некаде помеѓу двете. Трошиш до одреден лимит, но на крајот од пресметковниот период целиот потрошен износ го плаќаш одеднаш. Нема пренесување на долгот во наредниот месец. Ова ја прави погодна за луѓе што сакаат удобност на картичка, но и јасна граница: сè што ќе потрошиш овој месец, го плаќаш следниот.

ДебитнаКредитнаCharge
Чии пари трошиш?СвоиПозајмениПозајмени
Кога плаќаш?ВеднашДо рок, во целост или на ратиЦелиот износ, еднаш месечно
Најдобра заСекојдневиеФлексибилност и поголеми купувањаКонтрола со удобност

Лимитот не е плата

Ова е можеби најважната реченица во целиот текст. Кога ќе добиеш картичка со лимит од, на пример, 60.000 денари, тоа не значи дека имаш 60.000 денари повеќе. Значи дека можеш да позајмиш до толку. Секој денар што ќе го искористиш треба да се врати.

Затоа е корисно да ги разликуваш двата поими:

  • Искористен лимит е она што веќе си го потрошил и што треба да го вратиш.
  • Расположлив лимит е она што уште можеш да го потрошиш.

Пример: лимит 50.000 ден., потрошени 20.000 ден., расположливи 30.000 ден. Но тие 30.000 не се „слободни пари“. Тие се простор за нов долг. Расположливиот лимит кажува колку можеш, а не колку треба да потрошиш.

Изводот: месечниот извештај за твојата картичка

Секој месец добиваш извод: преглед на сите трошоци, износот што треба да го платиш и рокот за плаќање. Многу луѓе го гледаат само вкупниот износ. Вреди да одвоиш две минути и да ги прегледаш и ставките. Таму често ќе најдеш претплата што си ја заборавил или трошок што не го препознаваш.

Три правила за секоја картичка

  • Знај каков тип картичка имаш. Ако не си сигурен, провери во апликацијата или кај издавачот.
  • Следи го расположливиот лимит, но планирај според приходот. Буџетот го прави платата, не лимитот.
  • Запамети го рокот за плаќање. Стави потсетник во телефонот неколку дена пред рокот.

Паметно со парите

Овој текст е дел од „Паметно со парите“, едукативна серија на Diners Club Macedonia за полесно разбирање на секојдневните финансии. Корисниците на Diners картички својот искористен и расположлив лимит, активните рати и трансакциите можат во секое време да ги проверат во апликацијата myDiners.

Следната недела: како да ја процениш вистинската вредност на едно купување, и зошто поевтиното не е секогаш поисплатливо.

Извор: BIZlife редакција